КомшиLOOK- Ден за уметност и заедништво во Железара

На 1-ви јуни во населбата Железара во Скопје се случи мултидисциплинарниот социјален фестивал КомшиLOOK. Овој извонреден фестивал ја трансформираше населбата во привремен културен центар, славејќи ја уметноста, креативноста и заедништвото. Учествуваа над 100 уметници, музичари, актери и изведувачи, нудејќи разновидна палета на изведби и инсталации кои ги пленија срцата на присутните.

Фестивалот започна со заеднички појадок и пиење кафе со сите соседи. На репертоарот следуваше театарска претстава поставена во јавен градски автобус-број 16. Театарски претстави имаше и на балконите-поставен текст, глумци, и интимен амбиент во кој публиката беше едно (ако на некој му треба референца за кохезија, граѓанство, еве може да ја чита тука меѓу редови). Балконите, домовите, целото плато околу шесте згради на Коце Металец 1 служеа како уникатни сцени за различни изведби: класична музика со диригент, танцови изведби, модерни хип хоп перформанси, видео мапирање, инсталации, слики и скулптури на 15 автори.

Извор:КомшиLOOK

КомшиLOOK е доказ за тоа како неформалните иницијативи можат да ги поттикнат и разубават заедниците. Живеејќи во време на се поголеми социјални нееднаквости, ксенофобија и расизам нам се повеќе ни требаат поотворени, инклузивни и сплотени заедници. Мрежата Ана Линд работи на промоција на меѓукултурен дијалог и се надеваме дека ова е совршен македонски пример за искуство полно со култура и заедништво

Автори: Ирина Јаневска (АРНО) и Стефан Александар Јовановски (Комши LOOK)