Национална дебатна анкета – Национална дебата за државните позиции во меѓународните односи
На 6 и 7 јули, околу 150 граѓани од различни делови на Северна Македонија учествуваа во четвртата Национална дебатна анкета за демократија, организирана од Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ), во соработка со Deliberative Democracy Lab од Универзитетот Стенфорд од САД. Настанот се одржа со цел да се дискутира и анализира надворешната политика на Северна Македонија, нејзината усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и односите на земјата со НАТО.
Граѓаните беа поделени во 11 фокус групи каде што ги дискутираа прашањата, ги изнесуваа своите ставови и добија можност да поставуваат прашања на панели составени од политички експерти и аналитичари. На првиот ден, темите поврзани со надворешната политика и усогласеноста со ЗНБП беа опфатени од панелистите Дрита Абдиу Халили, Малинка Ристевска Јорданова, Марко Трошановски и Ивица Боцевски. На вториот ден, прашањата за односите на Северна Македонија со НАТО беа дискутирани од Илина Мангова, Методи Хаџи Јанев, Павле Арсоски, Ненад Марковиќ и Алберт Муслиу.
Извор: Институт за Европска Политика -Скопје (ЕПИ)
Дебатната анкета е уникатна форма на политички консултации која ги комбинира техниките на испитување на јавното мислење и јавната расправа. Таа цели да претстави како би изгледало јавното мислење на одредена тема доколку граѓаните би имале можност повеќе да се запознаат со темата. Во рамките на анкетата, учесниците првично одговараат на прашања пред да бидат детално информирани за темата преку материјали и дискусии со експерти, а потоа повторно одговараат на истите прашања. На овој начин, се мери промената во ставовите и преференците на граѓаните пред и по запознавање со темата.
Резултатите од анкетата ги рефлектираат не само иницијалните ставови на граѓаните, туку и како тие ставови се менуваат по деталното информирање и дискусија. Ова е важен аспект кој овозможува подобро разбирање на јавното мислење и на начините на кои информираноста може да влијае на него.
Овој настан беше организиран во рамките на проектот „Поттикнување анализа на политики и јавна дебата 3.0“ финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) и во соработка со Универзитетот Стенфорд од САД.
Горди сме што имавме можност да организираме настан од ваков вид и да придонесеме кон подобро разбирање на значајните прашања за нашата земја.
Автор: Институт за Европска Политика -Скопје (ЕПИ)