Национална работилница за дефинирање препораки за измени и дополнувања на законот
за младинско учество и младински политики
Во периодот од 29 октомври до 1 ноември 2024 година, во Струга, беше одржана национална работилница која претставуваше завршна средба во рамки на широкиот консултативен процес за измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики. На работилницата учествуваа повеќе од 40 претставници на младински организации, национални институции и тела, кои заедно придонесуваат за дефинирање на финалните препораки за измени и дополнување на постојниот закон. Целта на оваа работилница беше да се создаде силна и инклузивна правна рамка која ќе обезбеди поголемо учество и вклученост на младите во донесувањето одлуки кои директно влијаат на нивниот живот и иднина. Работилницата беше дел од подолгорочен процес на консултации, што Коалиција на младински организации СЕГА ги спроведува во партнерство со Национален младински совет на Македонија и Сојуз за младинска работа.
Извор: Коалиција СЕГА
Законот за младинско учество и младински политики има директно влијание на младите и нивната активност во општеството. Измените на Законот за младинско учество ќе помогнат во создавање услови за поголема вклученост на младите во сите аспекти на животот: од образованието и работата до заштитата на нивните права и развојот на инклузивни програми што ги охрабруваат да ги истражат своите потенцијали.
Вклучувањето на младите во донесувањето одлуки не само што ја зајакнува нивната позиција во општеството, туку и овозможува создавање на политики што одговараат на реалните потреби и амбиции на младите генерации. Работилницата се фокусираше на идентификување на клучните прашања, како што се зголемување на можностите за младинско учество во процесите на донесување одлуки на сите нивоа, засилување на меѓусекторската соработка и унапредување на механизмите за поддршка на младинските политики. Очекувањата се дека финалните препораки и имплементација на новите измени ќе доведат до значајни подобрувања во младинската политика и ќе ја поттикнат младинската независност и креативност во развојот на заедничката иднина. Консултативниот процес е дел од проектот Граѓанското општество во унапредување на регулативата за млади поддржан од регионалниот проект SMART Balkans -Граѓанското општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog društva, Center for Research and Policy Making и IDM Albania, финансиски поддржан од Министерство за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Автор: Коалиција СЕГА