ПОГОЛЕМА ДОСТАПНОСТ ДО ЈАВНИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА ДИГИТАЛИЗИРАЊЕ НА ПРОЦЕСИТЕ
Јавните податоци треба да бидат слободно достапни за сите граѓани. Институциите кои располагаат со јавни податоци мора да прифатат дека овие податоци припаѓаат на јавноста, а не на самите институции. Бизнис моделите кои се базираат на продажба на јавни податоци треба да бидат реформирани, политиката на отворени податоци треба да биде задолжителна за сите институции, како на централно така и на локално ниво.
Потребно е централизирано планирање на инфраструктурата за податоци под единствен ентитет за да се обезбеди конзистентност, ефикасност и интероперабилност помеѓу сите државни институции, како и учество на граѓанското општество во дигиталната трансформација. Ова се дел од предлог-препораките кои произлегоа од денешната 3-та сесија на Работната група 6-Антикорупција (Поглавје 5-Јавни набавки, Поглавје 18-Статистика и Поглавје 32-Финансиска контрола) на тема: „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ која се одржа во Скопје.
Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење во Република Северна Македонија во своето воведно обраќање истакна дека во развојот на дигиталната трансформација треба да се пристапи многу внимателно.
„Препораките на ЕУ одат во таа насока дека задолжително треба да се вклучи јавниот сектор за да се комплетираат големите бази на податоци. Треба да се води сметка дека дигиталната трансформација мора да биде усогласена со сите политики на ЕУ кои ги имаме донесено во нашиот национален контекст“, рече Ѓуровска, додавајќи дека не може да се очекува од дигиталната трансформација да ги лечи сите болести на општеството.
Извор: Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК)
Автор: Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК)