Институционално зајакнување на системите за собирање и анализа на податоци во јавниот сектор, воведување на задолжителна транспарентност за сите државни институции преку објавување на податоци во отворен формат, унапредување на порталите за отворени податоци со подобрена визуелизација за аналитички и компаративни анализи, се предлог-препораките од 4-та сесија на Работната група 6 „Антикорупција“ (Поглавје 5-Јавни набавки; Поглавје 18-Статистика; Поглавје 32- Финансиска контрола) на тема: „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија ефикасна борба со корупцијата“, која се одржа во Скопје на 10 Септември, во организација на Европско Движење во Република Сверна Македонија (ЕММК) во рамките на проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК). Еден од главните заклучоци од сесијата е дека веродостојни и квалитетни податоци се клучни за соодветно спроведување на реформите неопходни за влез во ЕУ. Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседателка на ЕММК во воведното излагање потенцираше дека статистиката е веродостојна онолку колку што јавноста и институциите имаат доверба во неа. Анита Ангеловска Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија нагласи дека централните банки не се само корисници на статистички податоци, туку и производители на статистички податоци.

Одржана сесија на работни групи

Извор: Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК)

„Нема дилема дека добрата статистика е предуслов за добри одлуки и политики, коешто на централните банки им овозможува водење на добра монетарна и финансиска политика. Како што еволуираат економиите мора да еволуираат и статистиките“, подвлече гувернерката. Дејан Станков, в.д. директор на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија оцени дека мисијата на Заводот е да произведува точни, релеватни и непристрасни податоци за јавноста. Според Станков, официјалните статистики се клучен инструмент за транспарентоста и отчетноста на јавните политики. Мојмир Мрак, професор на Економски факултет на Универзитетот во Љубљана во своето излагање истакна дека добрата статистика е инфраструктура за нормален економски и социјален развој на секоја земја. Статистиката е основа за добра регулатива. Ако земјата не може да ги исполни условите од Европската комисија, парите не доаѓаат во земјата. Ако сакате да покажете реформи, мора да имате добри индикатори, а за тоа ви требаат податоци. Затоа податоците се исклучително важни“, оцени Мрак.

Мај Ериксон Готер, консултант во Државниот завод за статистика, нагласи дека потребно е статистичките власти да бидат независни од другите политички, регулаторни или управни тела и сектори, како и од приватните оператори за да се обезбеди кредибилитет на статистичките податоци, но и да се обезбедат соодветни ресурси. Драган Тевдовски, професор на Економскиот факултет при УКИМ, потенцираше дека ако сакаме да се намали корупцијата, треба работењето на институцииите  целосно да е отворено за јавноста, а сите договори и анекси да бидат објавени од страна на Бирото за јавни набавки.  Една од најсилните мерки против корупцијата е објавување на консолидиран биланс на состојба на јавниот сектор. Тевдовски зборуваше и за потребата од објавување на годишните даночни пријави како што е тоа случајот со Финска. Јоана Маџоска, економист во Светска Банка смета дека не можеме да имаме добри економски политики без добри макроекономски податоци. Таа истакна дека е потребна деполитизација на јавниот секгор, заменување на политичките вработувања со професионални вработувања, како и зајакнување на капацитетот на институциите и дигитализација. Благоја Пандовски, претседател на „Транспаренси интернешнал –Македонија“ ја појасни улогата на оваа невладина организација во борбата против корупцијата, додавајќи дека често корупцијата не се гони од страна на целиот синџир институции надлежни за тоа. Учесниците на сесијата ја истакнаа улогата на релевантни и точни податоци како предуслов за обезбедување на раст и развој на државата, но и пресудни во процесот на носење на јавни политики и носење на правилни одлуки од страна на граѓаните.

Автор: Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК)