Одржана сесија на работните групи на НКЕУ-МК во Скопје

На 21 август 2024, во Хотел Панорамика, Европското движење во Република Северна Македонија, одржа заедничката сесија на работните групи дел од проектот „Национална конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК)“, каде присуствуваа претставници од 5те работни групи, Драган Тилев, кој ги презентираше состојбите со кои се соочуваме во однос на евроинтеграциите, но и претставници на други граѓански организации и новинари, кои се активен дел од работните групи.

Најпрво се обрати проф. Ѓуровска, националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, која се заблагодари на сите присутни, подвлекувајќи дека токму оваа структура е таа што го дава континуитетот на целиот проект. Следеше кратка презентација на што се е сработено оваа година, генерално објаснувајќи ги состојбите во секоја група поединечно.

Споделено беше и дека досега се одржани 60 настани во рамки на проектот и за сите тие настани била обработувана атрактивна тема, предложена од членовите на програмскиот совет. Од овие настани се произлезени над 600 препораки, кои се проследени до сите релевантни институции и тела. Како проблем го посочи пратењето на нивната имплементација, каде ќе треба да се најде соодветен модел.

Осврнувајќи се кон регионалниот аспект на проектот, споделувањето на практиките е голем плус, како и регионалната соработка која е дел од проектот кој се реализира со НКЕУ Србија и ЕД Албанија, со фокус на Кластер 1 – Основи и потенцираше дека би било одлично доколку би можеле тоа да го зголемиме и на другите поглавја. Според проф. Ѓуровска, дијалогот и експертизата особено од граѓанскиот сектор мора да продолжи, особено во однос на политичките прашања кои мора да се решаваат паралелно. Општеството мора да биде спремно за процесот веднаш штом тој започне.

Извор: Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК)

Потоа го повика Драган Тилев, државен советник во Министерството за Европски прашања, кој ја презентираше состојбата и плановите на Министерството за Европски прашања. Тој посочи дека сите препораки и анализи кои биле проследени до секретаријатот за европски прашања, сега министерство, биле проследени до државните секретари надлежни за проблематиката. Според него темите и препораките секогаш биле навремени и можни за реализација и дел од тие сеуште се валидни. Потенцираше дека веќе е дискутирано со министерот да се одржи заедничка средба со раководството на НКЕУ-МК, каде би можело изворно да се презентираат препораките. Тилев смета дека врската меѓу министерството, граѓанскиот сектор и новинарите, мора да биде континуирана и цврста, со приоретизирање на истите работи кои се определени како клучни.

Во однос на експертизата, според него, единствени кои се целосно релевантни за нашата состојба се експертите од Албанија, бидејќи само ние две држави ја имплементираме оваа методологија на ист начин. Србија и Црна Гора ја аплицираат, но од сосема различна почетна точка, додека Хрватска и другите постари земји членки, може да се користат во смисла на имплементација, но не и на преговори, бидејќи работите се целосно променети од времето кога тие преговарале.

Според него, мораме ние да развиваме и капацитети и институции за целиот пристапен процес, бидејќи нема претходно искуство кое може директно да се преземе. Потоа Тилев продолжи со елаборација на состојбите во однос на ИПА и планот за раст, но и за новата ситуација поврзана со реорганизацијата од секретаријат во министерство, како и за состојбите во однос на евроинтеграциите, како кај нас, така и во ЕУ. Сподели дека се работи на тоа да се добијат резултатите од скрининзите за сите 6 кластери, што би биле одличен ресурс за преглед на клучните прашања и би биле од корист при одбирањето на темите на идните сесии.

На крајот, посочи дека е корисно да се разгледа и планот за реформи на ЕУ, со цел подготвување на унијата за прием на нови членки.

По кратката пауза, се продолжи дискусија во однос на клучните придобивки и проблеми со кои се соочуваат групите и како ги надминуваат дел од предизвиците. Тие исто така дискутираа и за состојбите во секоја група, и дадоа предлози кога можат да се одржат идните сесии, како и темите кои сметаат дека се клучни. За нивно дефинирање, беше договорено да има посебни средби со секоја група, каде точно би се заклучил датумот и темата, со што побрзо би се тргнало во обезбедување на соодветна експертиза, како на национално, така и на меѓународно ниво.

Автор: Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК)